Зависно од видот, обемот и карактеристиките на штетата, пријавувачот (може да биде осигуреникот, договарачот или оштетениот) добива детални упатства за понатамошните постапки.
Пријавата за штета може да се добие во просториите на „Сава“ или да се преземе од нашата интернет-страница.

Кога ќе добие известување за штета, осигурителот врши проценка на штетата, а по собирањето на потребните документи, следи пресметка на надоместок од осигурувањето што се исплаќа во најкраток можен рок т.е. исплата на штета.

Штетата се пријавува веднаш по настанувањето. Пријавувањето може да биде лично на приемниот пулт во Дирекцијата на „Сава осигурување“ (ул. Загребска број 28А), во сите подружници на целата територија на Република Македонија, потоа преку телефон 02/5101-515 (Дирекција) или електронски на адресата: steti@sava.mk.

 

МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА – КАСКО

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

  • Доколку имате штета на вашето возило, а имате важечка каско полиса на „Сава осигурување“, потребно е да се јавите во нашата компанија за да го остварите своето право на обесштетување.
  • Доколку се работи за сообраќајна незгода со друго возило, се пополнува Европски извештај или се повикува МВР.
  • Во случај кога штетата на вашето возило е поголема од 100 000 денари, задолжително повикајте го МВР за да изврши увид на лице место.
  • Доколку сте во можност, направете фотографии од лице место.

ПРИЈАВА НА ШТЕТА – ОБРАСЦИ

Пријава на штета по КАСКО

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

При пријавување штета по каско, неопходно е да приложите:

  • доказ за осигурување (полиси);
  • сообраќајна дозвола;
  • возачка дозвола (на увид);
  • фотографии од лице место и слично.

 

МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА - АО

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Во случај на незгода настаната на територијата на Република Македонија:

  • Доколку имате сообраќајна незгода со друго возило и не сте виновни, обратете се во компанијата во којашто е осигурено другото возило за да си го остварите правото на обесштетување на основа на неговата полиса за автоодговорност; во случај кога штетата ја предизвикало неосигурено возило, пријавете ја штетата во својата компанија - Сава осигурување.
  • Доколку сте виновни, или во незгодата не учествувало друго возило, или се работи за непознат сторител, а имате каско осигурување, обратете се во „Сава осигурување“.
  • Доколку се работи за сообраќајка со возило со странски регистарски таблички, земете податоци од зелениот картон од странското возило, односно копија од ЗК и дојдете во „Сава осигурување“ за да добиете соодветни инструкции како да го остварите правото на обесштетување.

ЕВРОПСКИ ИЗВЕШТАЈ

Доколку сте учесник во сообраќајна незгода со мала материјална штета, заедно со другите учесници треба да го пополните Европскиот извештај.

Во ваков случај, препорачливо е прво да направите фотографии од настанот, потоа да се отстранат возилата од коловозот, а со останатите учесници да размените податоци од лични документи за идентификација, податоци за возилата и осигурувањето.

Потоа се пријавува штетата кај друштвото во кое е осигурен виновникот.

Европски извештај не се пополнува, туку се повикува полиција во случаи кога:

  • има повредени лица во незгодата;
  • возилата не се осигурени, односно немаат важечки полиси по автоодговорност;
  • едниот учесник доаѓа од друга држава, а нема валиден зелен картон;
  • дошло до оштетување на виталните делови на возилата, како управувачкиот систем и системот за сопирање;
  • возачите немаат валидни возачки дозволи, не се согласни да разменат лични податоци и податоци за возилото, кога се во алхохолизирана состојба или под наркотици.

ПРИЈАВА НА ШТЕТА - ОБРАСЦИ

Пријава за штета по АО
Изјава за околностите на настанување на штетата

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

При пријавување штета по АО, неопходно е следново:

  • да ги доставите возилата заради увид и споредувања на оштетувања;
  • да пополните изјави за начинот и околностите под кои се случила незгодата;
  • да покажете докази за осигурување (полиси), сообраќајни дозволи, возачки дозволи (на увид), фотографии од лице место и слично.

Во случај на незгода настаната во друга држава: 

За сообраќајна незгода што се случила во странство, надомест на штета во Македонија се остварува единствено преку каско осигурување, додека по основа на вина на трето лице, надомест на штета се остварува од компанија во земјата во којашто се случил сообраќајната незгода.

Доколку сте во странство и учествувате во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, со другиот учесник/учесници можете да пополните Европски извештај (има идентична содржина во сите европски земји и на сите јазици, па слободно користете го својот примерок). Ако НЕ сте одговорен за незгодата, пријавете ја штетата во Бирото за осигурување на земјата каде се случила незгодата или во компанијата во која ќе ве упатат тие. Телефоните за контакт на бироата за секоја земја се испишани на задната страна од зелениот картон.

Доколку се работи за поголема штета и била повикана полиција, обезбедете примерок од полицискиот записник изготвен на лице место или консултирајте се кога и каде можете да добиете примерок.

Покрај тоа, должни сте да доставите писмена изјава за околностите на незгодата (има ли повредени лица, обемот на незгодата, чија е одговорноста за незгодата и слично) до нас, како Ваш осигурувач.

Доколку се работи за поголема штета или потешка незгода, прво погрижете се за повредените и преземете мерки за отстранување на евентуални опасности, а потоа:

  • не го поместувајте возилото;
  • повикајте полиција и побарајте да биде изработен извештај т.е. записник;
  • доколку сте виновен за настанот, еден примерок од ЗК (или фотокопија) мора да му се предаде на другиот учесник или на полицијата која врши увид; по враќањето во РМ, се пријавува настанот во Секторот за штети во „Сава осигурување“ за да може да започне процедурата за обработка на штетата;
  • доколку, како наш осигуреник, претрпите штета при своето патување во странство, по вина на државјанин на матичната земја, ќе мора да обезбедите увид и записник од полиција; потоа треба да поднесете директно отштетно барање до осигурителната компанија која го осигурила возилото што ја причинило штетата; во ваков случај, како наш осигуреник, може да сметате на помош од „Сава осигурување“ во процесот на обработка и наплата на штетата.

 *За секоја од овие ситуации, потрудете се да направите фотографии на лице место. 

Валидност на Зелениот картон

Зелениот картон не е валиден во случаите кога:

  • рокот на важноста е изминат или не се совпаѓа со важењето на полисата;
  • погрешно или нецелосно е пополнет (на пример: недостасуваат податоци или не се поклопуваат со податоците во сообраќајната дозвола);
  • нема податоци (потпис или печат) на осигурувачот;
  • е оштетен, скинат или од него не може да се утврди содржината;
  • има пречкртувања, преправања на букви или броеви и слично.

 

МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА – ИМОТ

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Во зависност од видот на осигурувањето, се пополнуваат соодветни пријави. Пријавите се прилагодени на потребните податоци за отворање и решавање на штетата. Во секоја од пријавите се внесуваат основните податоци за осигуреникот и за оштетеното средство, а се внесува и опис на околностите под кои настала штетата, приближниот износ по мислење на осигуреникот и лице за контакт. Во случаи кога законот го бара тоа, паралелно со процесот на пријавување, треба да се направат и дополнителни дејства, и тоа:

  • во случај на пожар и експлозија, веднаш да се извести соодветниот орган на МВР;
  • во случај на провална кражба или разбојништво, задолжително да се извести соодветниот орган на МВР;
  • во случај на зла намера на вработен или трето лице, веднаш да се извести соодветниот орган на МВР.

По воспоставувањето на контактот со проценителот, да се обезбедат услови за извидување на штетата и да се следат понатамошните упатства на проценителот.

ПРИЈАВА НА ШТЕТИ – ОБРАСЦИ

Пријава на штета од пожар и некои други опасности
Пријава на штета од кршење машини
Пријава на штета од провална кражба и разбојништво
Пријава на штета од кршење стакло
Пријава на штета по домаќинско осигурување
Пријава на штета - компјутери

ПОТРЕБНА ДОКУМEНТАЦИЈА

При пријавување штета на имот, во зависност од видот на осигурување, треба да се пополни Пријава на штета. Според Општите услови за осигурување, осигуреникот е должен да ја пријави штета во рок од 3 дена од денот на настанот.

По извршениот увид, од нашите стручни лица ќе биде дефинирана причината за штетата. Во зависност од видот на штетата, проценителот ќе ве информира за тоа што е потребно за да се комплетира предметот со документација. На овој начин ќе се дефинира обемот на штета, по што ќе биде изготвен записник со дефинирана причина за настаната штета и пресметка на штетата.

 

НЕЗГОДА

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Штетите од незгода се пријавуваат по завршување на лекувањето. По пријавување на штетата, ќе бидете повикани во најблиската подружница на „Сава осигурување“, каде што наши лекари – цензори ќе утврдат процент на траен инвалидитет по извршениот лекарски преглед.

ПРИЈАВА НА ШТЕТИ – ОБРАСЦИ

Пријава на штета - доброволно здравствено осигурување
Пријава на штета – инвалидитет
Пријава на штета – смрт
Пријава на штета – ученици

ПОТРЕБНА ДОКУМEНТАЦИЈА

  • пријава на штета;
  • медицинска документација што е во врска со повредата (рендгенски снимки, извештај од специјалист, отпусна листа и др.);
  • трансакциска сметка.

 

ПАТНИЧКО ОСИГУРУВАЊЕ

ОПШТИ ИНФОМАЦИИ

Што да направите во случај на штета по основа на патничко осигурување:

Во случај кога имате потреба од итен лекарски или болнички третман при акутна болест, веднаш или по пристигнување во болница, да се јавите кај нашата асистентска куќа „Assistance CORIS“: +386 1 519 2020 (24 часа поддршка) за инструкции. Со ова јавување, целосната грижа за вас и за лекарските трошоци ја презема „Assistance CORIS“.
Во случај да не се јавите во рок од 24 часа, „Сава осигурување“ ќе ја надомести штетата до максимален износ од 150 Евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на исплатата.

Кај полисите со франшиза (учество на осигуреникот во штетата до одреден износ), компанијата ги намирува трошоците над договорениот износ.

ПРИЈАВА НА ШТЕТИ – ОБРАСЦИ

Пријава на штета - патничко осигурување

ПОТРЕБНА ДОКУМEНТАЦИЈА

  • пријава на штета;
  • медицинска документација што е во врска со повредата (рендгенски снимки, извештај од специјалист, отпусна листа и др.);
  • копија од пасош;
  • фактура за платени трошоци во странство.

 

ОДГОВОРНОСТ НА ПРЕВОЗНИКОТ – ЦМР И ТРАНСПОРТ

ОПШТИ ИНФОМАЦИИ

Покрај основната обврска за пријавување на штетата во најкус можен рок, пријавувачот треба да преземе и други дејства за да се обезбедат неопходните документи за решавање на штетата.

  • Доколку се работи за сообраќајна незгода, задолжително да се повика полиција и да се направи записник – европски или полициски, во зависност од упатствата на полицијата.
  • Доколку се работи за провална кражба или разбојништво, задолжително да се повика полиција и да се направи полициски записник.
  • Да се обезбеди изјава од возачот со детален опис на настанувањето на штетата.
  • Доколку е можно, да се направат фотографии на лице место.
  • Да обезбеди лице за контакт од примачот на превезуваната стока.
  • Во случај на поголема штета, веднаш да се стапи во контакт со осигурувачот и да се постапи по неговите упатства.

Доколку осигурувачот одлучи штетата да ја предаде на странски проценител (хавариски инспектор), пријавувачот е должен да ги следи неговите упатства и барања.

ПРИЈАВА НА ШТЕТИ – ОБРАСЦИ

Пријава на штета - одговорност на превозникот

ПОТРЕБНА ДОКУМEНТАЦИЈА

  • пријава на штета;
  • товарен лист;
  • изјава на возачот;
  • фактура према превозникот на стоката за настаната штета – задолжување;
  • записник за настаната штета потпишан од превозникот и примачот на стоката;
  • фотографии од лице место.