13.12.2017

Сава Ре д.д. Љубљана потпиша договор за купување на 100% од акциите на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

Матичната куќа на САВА осигурување а.д. Скопје инвестира во развој на пензиското осигурување како дел од групациската стратегија.                                                

Откако во 2015 година Сава Ре д.д. Љубљана стана сопственик на пензиско друштво во Словенија, започна проширувањето на групациската стратегија и кон пензиското осигурување. Во тие рамки се одвиваа преговорите со НЛБ д.д. Љубљана и НЛБ Банка АД Скопје за купување на акциите од НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје во Република Македонија. Потпишувањето на договорот на 12 декември 2017 е завршница од процедурата започната во март годинава.

На македонскиот пазар, компаниите од групациите НЛБ и Сава Ре успешно соработуваат веќе неколку години, пред сé во делот на банкоосигурувањето.  Овој продажен канал успешно функционира со продажбата на полиси за неживотно осигурување од македонската членка на групацијата – САВА осигурување а.д. Скопје, преку мрежата експозитури на НЛБ Банка а.д. Скопје.

Стратешкиот влез на Сава Ре на македонскиот пазар на пензиско осигурување значи остварување на развојните цели и ја утврдува позицијата на Сава Ре како  една од најмоќните осигурителни групации во Западен Балкан. Во тоа одлично се вклопуваат плановите на македонската членка САВА осигурување а.д. Скопје, кои се во насока на врвна грижа за своите клиенти преку развој на конкурентските предности, вложување во квалитетот на производите и достапност на продуктите и услугите до осигурениците.