21.9.2026

Сава Осигурување дел од Business of Impact 2026 во Лисабон: Кога бизнисот станува двигател на позитивни промени

По покана на Здружението за социјални иновации „АРНО“, претставници на Сава Осигурување учествуваа на меѓународната конференција Business of Impact 2026 која се одржа на 15-16 септември  во Лисабон, каде во фокусот беа одржливоста, ESG принципите и создавањето долгорочно општествено влијание.

Како дел од својата посветеност кон следење на современите трендови во одржливото и одговорно работење, претставници на Сава Осигурување учествуваа на меѓународната конференција Business of Impact 2026 во Лисабон, организирана од Impact Europe, со поддршка и по покана на Здружението за социјални иновации АРНО, во рамките на проектот „Инвестираме во промени“ (Invest for Change), кофинансиран од Европската Унија, посветен на трансформација на начинот на финансирање на социјалните претпријатија во Западен Балкан.

Конференцијата обедини еминентни претставници од бизнис секторот, фондации, инвестициски фондови, социјални претпријатија и организации од цела Европа, со заедничка цел: да се истражат нови модели преку кои компаниите можат да создадат долгорочно и мерливо влијание врз општеството и животната средина.

Една од главните пораки на настанот беше дека денешните глобални предизвици, како климатските промени, социјалната нееднаквост и економската нестабилност, бараат системски пристап и заедничко дејствување. Наместо изолирани иницијативи и краткорочни решенија, потребни се партнерства и иновативни модели кои овозможуваат создавање одржливи и долгорочни позитивни промени.

Во текот на конференцијата беа претставени бројни успешни европски практики кои покажуваат како ESG принципите, одржливоста и општествената одговорност можат успешно да се интегрираат во деловните стратегии и секојдневното работење. Беше истакнато дека компаниите сѐ повеќе ја надминуваат традиционалната улога на донатори и стануваат активни чинители во креирањето подобра иднина за заедниците во кои работат.

Посебен акцент беше ставен на важноста од соработка помеѓу приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор, како предуслов за развој на ефикасни решенија и модели што создаваат пошироко општествено влијание. Воедно, конференцијата понуди вредна можност за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу организации кои се лидери во областа на одржливиот развој и општественото влијание.

За нас како компанија, учеството на Business of Impact конференцијата претставува значајна можност за стекнување нови знаења, искуства, практики, следење на глобалните трендови и создавање нови перспективи за одговорно и одржливо работење. Ваквите настани ја потврдуваат определбата на компанијата за создавање долгорочна вредност за клиентите, вработените и заедницата, како и за поддршка на иницијативи што придонесуваат кон позитивни општествени промени.

На завршувањето на конференцијата беше најавено дека следното издание на Business of Impact  2027 ќе се одржи во Базел, Швајцарија, продолжувајќи ја мисијата за поврзување на компаниите, инвеститорите и организациите кои работат на создавање мерливо и одржливо влијание во општеството.

Учеството на вакви меѓународни настани е особено важно за размена на знаења, запознавање со иновативни практики и градење партнерства кои придонесуваат кон развој на поодржливи заедници и одговорен бизнис.

Соработката меѓу Сава Осигурување и АРНО добива нова димензија преку оваа посета на Лисабон, со јасна определба импакт инвестирањето во Македонија да стане вредност што ја делиме и заедно ја унапредуваме.