31.3.2016

Уште една успешна година за Групацијата Сава Ре

Годината 2015 е оценета како успешна на повеќе начини – година на одлуки.

Нов, модерен и силен регионален осигурувач

Со одлуката за спојување (здружување) на осигурителните друштва базирани во земји членки на ЕУ: словенечките „Заваровалница Марибор“ и „Заваровалница Тили“ со хрватските „Велебит осигурање“ и „Велебит животно осигурање“, до крајот на годината ќе биде формирана комбинирана осигурителна компанија со седиште во Марибор. Тоа ќе значи создавање на втора по големина осигурителна компанија во регионот.

Подобрен кредитен рејтинг

Во август 2015, бонитетната агенција „Стандард & Пурс“ го надгради кредитниот рејтинг на финансиска моќ на „Позаваровалница Сава“ од Словенија со оценката А- и стабилна прогноза. Матичната куќа на групацијата „Сава Ре“, чија македонска членка е „Сава осигурување“, ја надгради долгогодишната стабилност со одлична бонитетна оценка на финансиската моќ, што значи силна поддршка за растот на меѓународниот осигурителен пазар.

Развој на пензиското осигурување како дел од групациската стратегија

Во 2015 година „Позаваровалница Сава“ стана сопственик на пензиското друштво „Моја наложба“, со што се проширува групациската стратегија и кон пензиското осигурување.

Во прилог на овие клучни настани од 2015 година, кои имаат стратешка важност за долгорочниот развој на целата групација „Сава Ре“, известуваме и за одличните финансиски резултати за таа година.

Најдобри финансиски резултати досега

Групацијата „Сава Ре“ ги надмина сопствените планови за 2015 година. Добивката ја надмина 2014 година за 9,3 проценти и изнесува 33,4 милиони евра. Најголемиот дел од профитот се должи на работењето на словенечките осигурителни друштва, особено на добрите резултати на „Заваровалница Марибор“. Останатите членки од групацијата што дејствуваат во областа на неживотното осигурување, исто така ги надминаа резултатите од 2014 година.

Во 2015 година, групацијата „Сава Ре“ запиша 486,3 милиони евра бруто-премија што претставува раст од 3,9 проценти во споредба со 2014 година. Повратот на капитал за 2015 е 12 проценти, што е малку над долгорочната цел на групацијата. Профитот дозволува и следење на дивидендната политика и планираното покачување на дивидендата за акција.

И македонската членка на групацијата оствари позитивен финансиски  резултат  од  своето  работење во износ од 27 913 568 денари по платениот данок, а 31 416 495 денари добивка пред оданочувањето. Вкупните приходи од работењето изнесуваат 659 309 219 денари, што претставува пораст од 3,6 проценти во однос на минатата деловна година. Остварена е бруто-полисирана премија во износ од 702 947 902 денари (€ 11 411 492) и пораст од 36 301 633 денари (€ 589 312) или 5,4 проценти во однос на 2014 година.

Планови за 2016

За 2016 година, групацијата „Сава Ре“ планира раст од 0,3 проценти во однос на 2015 година, односно бруто-премија од  487,9 милиони евра.  Планиран е раст во друштвата надвор од Словенија, и тоа во неживотното осигурување за 4,8 проценти, а во животното за 11,7 проценти. Целта на групациската нето-добивка за 2016 година е 33,4 милиони евра, со 11,6 проценти поврат на капитал, што би значело следење на долгорочните планови за групацијата „Сава Ре“.

Плановите на македонската членка „Сава осигурување“ се во насока на развој на конкурентските предности на пазарот, вложување во квалитетот и асортиманот на производите и продажната мрежа заради поголема достапност за осигурениците. Годината ќе биде во знакот на воведување нови продукти, кои се уште не се присутни на македонскиот осигурителен пазар, како и инвестиции во делот на отворање други сопствени станици за технички преглед “Sava Station”. Во рамките на овие технички станици, Друштвото ќе формира сопствени продажни единици и сопствени центри за штети.

Годишните извештаи на „Сава осигурување“ а.д. Скопје можете да ги најдете на: https://mk.sava.insure/mk-mk/documents/