Општествено одговорна компанија
Мисијата на осигурителната групацијата Сава, каде што припаѓа и Сава осигурување а.д. – Скопје, е давање поддршка на општеството преку одговорен однос кон околината во која живееме и во која работиме. За таа цел, групацијата има усвоено и корпоративен празник „Ден на Сава Ре“ (односно „Ден на Сава“ од мај 2019) што се одбележува кон крајот на март секоја година, кога компаниите членки на семејството „Сава“ организираат активности од сферата на општествено одговорното однесување. Во тие рамки главно се насочуваме кон ранливото население, кон оние што се на маргините на општеството и на кои им е потребна нашата помош. Голем дел од другите активности ги насочуваме кон поддршка на спортот, како еден од најдобрите начини да се изгради здрава личност, која квалитетно ќе придонесува во своето окружување. Притоа, веруваме дека е важно да помогнеме во развивањето на здравиот спортски дух кај младите, бидејќи тие треба да продолжат да го градат општеството на таков начин.
Кога се поставуваше темелот на целата идеја за корпоративниот празник, имавме тешка задача во размислувањата за тоа кој е најдобриот и најцелисходен начин да ја оствариме својата идеја – како да бидеме сигурни дека сме на вистинскиот пат, дека ангажманот ќе донесе резултати, дека помошта ќе ја дадеме на вистинското место и во вистинскиот момент, дека ќе го мотивираме и ќе го вклучиме сопствениот колектив, дека ќе придонесеме кон решавање на некои суштински проблеми. Денес сме убедени дека сме ја направиле вистинската проценка кога одлучивме дека во социјалната сфера главен партнер ќе ни биде републичката мрежа на Црвениот крст. Во однос на поддршката на спортот, таквата улога ја имаат повеќе чинители на спортскиот живот во Македонија (Фудбалската федерација на Македонија, ракометните турнири, кошаркарските клубови, клубовите за сноубординг и кикбокс, скијачките манифестации, авто-трките, одбојкарските и тениските клубови, како и други спортски здруженија или манифестации). Истовремено, и за своите вработени обезбедуваме бесплатни термини за спортски активности во локалните спортски центри.
Придобивката од општествено одговорните активности ние во Сава ја гледаме во перманентниот ангажман на колективот и развивањето на таквата свест – не само на компанијата туку и на индивидуално ниво. Не е тајна дека за успешното работење на една компанија од исклучителна важност се задоволните и мотивирани вработени, а нашите редовно и со нескриен ентузијазам учествуваат во бројни акции: помагаат со парични донации, сами приготвуваат и донираат храна во пунктот за бездомници на Црвениот крст, даруваат крв итн.
Среќни сме поради активизмот и несебичниот ангажман на колективот. Истовремено, тоа е потврда за нашата посветеност како компанија да бидеме пример за општетствено одговорен однос кон својата околина. Можеме да му се заблагодариме и на нашиот партнер во оваа приказна – Црвениот крст на град Скопје, кој ја препозна нашата волја и активистички потенцијал, па во 2013 година ни го додели признанието Бронзен поддржувач.
март - април 2019
„Ден на Сава Ре“ 2019
САВА осигурување ги негува групациските вредности отсликани во нашата позитивна работна средина со развиена деловна култура и стабилни односи. Оваа година, за остварување на некои од групациските стратешки стремежи, со особено задоволство одбравме активности што може заеднички да ги реализираме со колегите од Сава пензиско друштво а.д. Скопје - новата македонска членка на Групацијата Сава Ре.
Трчаме за децата со Даунов синдром
Во 2016 ја поддржавме иницијативата на мечувалскиот клуб Ескрим за хуманитарна спортска манифестација под отворено небо „Run for Down“ што таа година се одржа за прв пат. Целта на настанот беше да се подигне јавната свест за Дауновиот синдром, но и да се соберат средства за работа на бесплатната школа за мечување за деца-носители на овој синдром.
На 24 март оваа година повторно им се придруживме, а во трката за поддршка на социјализацијата на овие деца, масовно учествуваа нашите вработени и нивните семејства.
Крводарителска акција како израз на највисок степен на солидарност
Привилегија е кога имате колектив со изразито висока свест за солидарност и бројни крводарители – како во Сава осигурување. Поради тоа, крводарителските акции станаа наша традиција за одбележување на корпоративниот празник. Годинава, акцијата беше спроведена во нашите простории со учество на вработените од Сава осигурување и Сава пензиско друштво.
Еколошка акција во Градски парк во Скопје
Одбележувањето на Денот на Сава Ре го заокруживме на 5 април, со еколошка акција кај езерцето во Градскиот парк во Скопје. Свесни за важноста на нашиот однос кон сопствената животна и работна средина, особено во овие услови на нарушен биодиверзитет и проблеми со загаденост на воздухот и почвата, се надеваме дека со добри примери ќе влијаеме врз развојот на еколошката свест во заедницата. Заедно со колегите од сестринската компанија засадивме дрва, а на оштетените клупи им ги бојадисавме металните конструкции и ги заменивме скршените делови.
Акцијата ја завршивме со чистење на отпадоците од локацијата, со што нашите сограѓани ќе можат повторно да уживаат во ова убаво место за дружење и семејни активности.
27 април 2018 година
Поддршка на социјални претпријатија - почеток на ново партнерство на Сава осигурување со Црвениот крст на град Скопје
Сава осигурување го зацврстува партнерството со Црвениот крст на град Скопје со учество во нови проекти кои ќе ја покажат нашата суштинска грижа и одговорност да ги поттикнуваме и поддржуваме активностите кои ја подобруваат околината во која живееме и работиме.
Проектот за социјално претприемништво на Црвениот крст на град Скопје е официјално најавен со посетата на тимот кој стои зад проектот „Копче“ во Дирекцијата на Сава осигурување во Скопје, на 27 април 2018 година.
Се работи за проект за социјални претпријатија со самоодржлива програма, во чии рамки ќе биде отворена првиот пункт за дистрибуција на половна облека под името „Копче“ (во зградата на републичкиот Црвен крст). Во овој нов градски центар ќе се распределува донирана облека и уникатни парчиња по најповолни цени – а тоа е концепт кој успешно функционира во светот и има моќ да носи промени во општеството. „Копче“ ќе ја одигра најважната улога во областа на работна интеграција на ранливи групи граѓани, во подобрување на системот за донирање на облека, но и во зачувување на животната средина.
Која е нашата улога како компанија?
Донациите во облека ќе се собираат во специјално изработени кутии и штендер кои се поставени во Сава осигурување - како прва компанија која ја даде својата поддршка и во која е поставена опремата, со што и започна самиот проект. Со своето учество, ќе дадеме поддршка на создавањето добри општествени навики, во обучување и вработување на лица од ранливите категории во општеството и ќе ја потврдиме својата улога на позитивен пример во бизнис заедницата.
Како да дадете личен придонес?
Во „Копче“ секој граѓанин може да придонесе – да даде поддршка како волонтер, донатор и/или купувач. Ве покануваме да се вклучите и да одберете парчиња облека што не ја носите, а сметате дека би можел некој да ја купи. Истата ставете ја во кутијата за донирање или на штендерот што е поставен во холот на Дирекцијата на Сава осигурување на ул. Загребска 28 А во Скопје.
За некое од парчињата облека, би било убаво да напишете и приказна или лична порака која ќе ја испечатите и закачите на облеката.
*„Ова е мојот фустан во кој го славев седмиот роденден. Сакам и друго девојче да го носи на својата роденденска забава“ - порача Ева
март-април 2018
„Ден на Сава Ре“ 2018
Го продолжуваме партнерството со Црвениот крст на град Скопје со активности кои, низ годините, станаа препознатливи за нашето општествено одговорното однесување. Токму во континуитетот на едно вакво партнерство се гледаат вистинските вредности на грижата кон сопствената животна и работна средина.
Во овие неколку години, Сава осигурување стана синоним за грижа и внимание кон оние што се незабележани во општеството, незаштитените, помалку среќните од нас - кои останале сосем сами во потрагата по подобро утре за себе. Нашиот колектив е вклучен во секој аспект од тие општествено одговорни активности, особено оние од соработката со Црвениот крст на град Скопје: во проектите за бездомниците во Пунктот Момин поток, крводарителските акции, донациите во облека, редовното купување на активистичкото списание Лице во лице, како и социјалната програма со која даваме поддршка за општествената интеграција на семејства во ризик. Во продолжение се последните информации за нашите ангажмани по повод корпоративниот празник на Групацијата Сава Ре:
Дарувањето крв е израз на највисок степен на солидарност - крводарителска акција
Во контекст на грижата и одговорниот однос кон средината во која живееме и работиме, на 29 март 2018, наши вработени учествуваа во крводарителска акција која беше спроведена во Дневниот центар за дарување крв во ДХО Даре Џамбаз-Скопје, како и градската болница во Велес.
Поддршка на акцијата Волшебно велигденско дрво – донаторска акција
Во пресрет на празникот Велигден, Црвениот крст на град Скопје во соработка со своите партнери организираше настан посветен на децата и младинците од “Дневниот центар за лица со церебрална парализа - Капиштец”. Во текот на месец март, штитениците од Центарот ги запишаа своите желби на наменски картички што беа закачени на “Волшебното велигденско дрво” поставено во Рамстор Мол во Скопје. Нашите вработени несебично се вклучија во акцијата, ги купија подароците во кои вметнаа картички со лични пораки до своите нови пријатели.
Доделувањето на подароците се случуваше во среда, 04.04.2018 во ТЦ Рамстор во присуство на поголемиот број штитеници на Дневниот центар, како и организаторите на оваа акција. Уште долго ќе ја носиме во себе таа атмосфера полна со љубов.
Топол оброк – домашна храна за бездомни лица
Оваа акција е, можеби, најочекуваниот гест на добра воља и израз на грижа за оние кои останале напуштени од сите... Од претходните вакви искуства видовме колку може да му значи на човек еден обичен топол оброк. Со нашата акција за припремање на домашна храна за штитениците на Пунктот за бездомни лица во Момин поток, освен развивањето на сопствената свест, влијаеме и на развојот на општествената одговорност на средината во која работиме и живееме. И овој пат нашите колеги припремија домашна храна со која стоплија многу срца.
Донацијата беше предадена на 13 април 2018 година во Пунктот во Момин поток.
септември 2017
Признание „Лице в лице Арка“ за наша колешка
Активистичкото списание „Лице в лице“ е еден од пионерите во социјалното претприемаштво во земјава, кое работниот ангажман го користи како алатка за инклузија, со што економски и социјално ги зајакнува своите продавачи. Во своите програми вклучи околу 100 ранливи лица, а пет милиони денари стигнаа до најранливите – преку нивниот работен ангажман.
Списанието го одбележа својот петти роденден на свечена прослава на 15 септември оваа година. Граѓани, претставници на институции, на бизнис-секторот, на граѓански и на меѓународни организации, амбасадори, уметници, сите заедно дојдоа да го одбележат петгодишниот раст на „Лице в лице“.
На настанот им беше доделено признанието „Лице в лице арка“ на личностите што неуморно даваа лични импулси и придонес во остварувањето на мисијата и целите на „Лице в лице“ , меѓу кои и нашата колешка Александра Цанев.
Дел од другите добитници на ова признание се: Ване Костуранов, Сергеј Андреевски, Мила Царовска, Верица Андреевска-Спасовиќ, Ирина Тошева и други.
„Во изминативе пет години експериментиравме, учевме од своето искуство и верувам дека поставивме темел што може да биде основа во развојот на идните социјалните претпријатија за работна интеграција. Во исто време, се надевам и дека придонесовме во подигнувањето на свеста во какво општество би живееле доколку целиот или поголем дел од профитот се враќа во општеството“, изјави Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.
април 2017
Засади ДОБРО за ПОЗИТИВНА ОПШТЕСТВЕНА ПРОМЕНА!
Денес (20.4.2017) бевме дел од манифестацијата „Пикник на добри компании“ во Градскиот парк, каде што заеднички засадивме 70 дрвја, како симбол на нашата општествена одговорност.
Активноста е продолжение и поддршка на ланскиот Форум на добри компании, на кој учествуваше и Сава осигурување: http://csr.public.org.mk/
"Со оваа иницијатива зад себе оставаме позитивни отпечатоци во природата и ваквиот приод треба да нѐ води и кога станува збор за односот кон вработените и кон пазарот, кон вложувањето во заедницата, како и во однос на етичкото управување" – гласи пораката од организаторите, кон која со задоволство се приклучуваме.
„Ден на Сава Ре“ 2017
Сава осигурување го одбележа својот корпоративен празник – „Ден на Сава Ре“ – со организирање повеќе активности во СОС Детско Село. По тој повод дониравме заштитна ограда и летниковец, садевме цвеќиња и фарбавме огради. Исто така, организиравме и креативна работилница.
Се надеваме дека нашите активности ќе донесат радост и насмевки на детските лица.
март 2016
„Ден на Сава Ре“ 2016
Сава осигурување повеќе години го гради партнерството со Црвениот крст на град Скопје, особено во рамките на проектот за помош на бездомниците. Оваа блиска соработка стана неизоставен дел и од одбележувањето на корпоративниот празник на нашата групација Сава Ре, кога се одвиваат разни општествено одговорни активности на вработените во сите членки на Групацијата.
На редовната средба на извршниот директор на Сава осигурување, г. Петер Скварча, со секретарот на градскиот Црвен крст, г-ѓа Сузана Тунева-Пауновска, се разговараше за активностите во изминатата година, за ефектите од поддршката на Сава осигурување за проектите на ЦК на град Скопје, како и за продолжувањето на ова важно партнерство. Сава осигурување ја потврди својата поддршка со нова донација од 120.000 денари наменети за потребите на Пунктот за бездомници, координиран од страна на ЦК на град Скопје.
Новина за 2016 година е одлуката да поддржиме уште една многу интересна иницијатива… Имено, во Скопје функционира спортски клуб за мечување, каде што меѓу редовните тренинзи се држат и бесплатни часови за децата со Даунов синдром. Со нив и со сите други членови клубот Ескрим организираше хуманитарна спортска манифестација под отворено небо „Run for Down“. Целта на настанот беше да се подигне јавната свест за Дауновиот синдром, но и да се соберат средства за непрекината работа на бесплатната школа за мечување.
Дополнително на донацијата, и нашите колеги масовно ја поддржаа иницијативата со сопствени средства и со учество во трката. Им благодариме за несебичноста и им честитаме за истрајноста во поддршката на сите наши акции.
април 2015
Одбележување на „Денот на Сава Ре“ и партнерството со Црвениот крст
Соработката трае повеќе години, но се интензивира благодарение на конкретниот и долготраен ангажман во помагањето на бездомниците. Освен финансиската помош за изградбата и работата на Пунктот за бездомници, Сава осигурување ја изразува својата поддршка и преку ангажманот на своите вработени, кои подготвуваат домашна храна и ја донираат во Пунктот.
Секоја година програмата за одбележување на „Денот на Сава Ре“ е збогатена и со други донации и крводарителски акции.
Во март и април 2015 година ги организиравме следниве активности:
- волонтерска помош во работењето на Пунктот за облека – мал локал во кој градскиот Црвен крст ја распределува донираната облека за своите штитеници – преку систем на ваучери што ги приложуваат и потоа избираат сезонска облека за своето семејство;
- учество на волонтери во сликарската работилница во Дневниот центар за стари, кој функционира во рамките на градскиот Црвен крст, а во кој се собираат повозрасни граѓани на плански организирани активности: часови по сликање, јога, странски јазици итн.;
- крводарителска акција;
- донација на облека;
- посета на Пунктот за бездомници и донација на домашно приготвена храна.
Важноста на активностите по повод „Денот на Сава Ре“ е голема поради создавањето перманентен активизам и развивање на свеста за општетствено одговорен ангажман на компаниско, а особено на индивидуално ниво. Во таа смисла, кај вработените во Сава осигурување овој ефект е навистина видлив:
- се разви независна иницијатива за помагање на цели семејства, за кои се собираат донации во финансии, храна, облека и други потреби;
- вработените се редовни купувачи и читатели на активистичкото списание „Лице в лице“ (партнер на Црвениот крст), чија мисија е економски и социјално да ги зајакне маргинализираните групи. Го продаваат бездомници, лица со посебни потреби и слични припадници на ранливи категории.
март 2014
„Ден на Сава Ре“ – 2014 година
Соработката со Црвениот крст на град Скопје продолжува со уште едно одбележување на корпоративниот празник – „Ден на Сава Ре“. По тој повод Сава осигурување повторно му додели на Црвениот крст на град Скопје донација за Пунктот за бездомници во Момин поток во висина од 100.000 денари.
Забележливо е активното учество на вработените во компанијата во општествено одговорните активности на Сава осигурување. Дел од нив и оваа година приготвија домашна храна, која самите им ја поделија на посетителите на Пунктот, додека втората група даруваше крв во просториите на Дневниот центар во објектот Даре Џамбаз.
Во рамките на активностите за одбележување на „Денот на Сава Ре“, компанијата ќе даде финансиска поддршка и за проектот „Лице в лице“ – активистичко списание што има мисија економски и социјално да ги зајакне маргинализираните групи, па затоа го продаваат бездомници, младинци од улица, лица со посебни потреби. Инаку, продавачите на списанието се чести гости во седиштето на Сава осигурување во Скопје, а вработените – едни од најредовните читатели.
декември 2013
Сава осигурување добитник на признание од Црвениот крст на Македонија
На свеченост што беше одржана на 12 декември 2013 година, во организација на Црвениот крст на Република Македонија, Сава осигурување го доби признанието „Бронзен поддржувач-помагател“. Ова признание им се доделува на партнерите, во знак на благодарност за соработката и за имплементацијата на општествено-социјалните проекти и на хуманитарните активности.
Во обраќањето на генералниот секретар на македонскиот Црвен крст, г-нот Саит Саити, беше истакнато дека организацијата успеала да изгради институционална ефективност, да промовира нови партнерства и да ја унапреди хуманитарната дипломатија. Како посебно важна ја истакна поврзаноста и соработката со бизнис-заедницата во Македонија, која станува сè поактивна во проектите од сферата на општетствено одговорните активности.
На присутните им се обрати и државниот секретар при Министерството за економија, како и претставници од наградените компании, кои се заблагодарија на признанијата и изразија надеж за уште заеднички проекти и акции.
Главното признание го доби првиот човек на Алкалоид а.д. – Скопје, а други добитници, покрај Сава осигурување, беа: Македонски Телеком, Пивара – Скопје и Алфа банка.
април 2013
„Ден на Сава Ре“ 2013 година
Оваа година Сава осигурување и Црвениот крст на град Скопје заеднички ќе го одбележат корпоративниот ден на групацијата Сава Ре под мотото „Мислиме на бездомните“. По тој повод на Црвениот крст на град Скопје му доделивме донација за Пунктот за бездомници во Момин поток во висина од 150.000 денари, која ќе се искористи за набавка на неопходните лекови, како и машина за сушење облека, фен, микробранова печка. Вработените во компанијата учествуваа и со индивидуални донации во облека, обувки и храна.
Имено, Црвениот крст на град Скопје го изгради и го одржува Пунктот за бездомници, кој е еден и единствен во давањето бесплатни услуги на сите бездомни лица од градот (хигиенски, фризерски/берберски услуги, помош од социјален работник, општ лекар и психолог, основна медицинска терапија и еден оброк). За оние бездомници чиј живот е загрозен, обезбеден е привремен престој во прифатилиштето на Пунктот. Во неговата изградба со своја помош учествуваше и Сава осигурување.
„Мисијата на групацијата Сава Ре е да го поддржува животот преку одговорен однос кон околината во која живееме и работиме. Ние, вработените во Сава осигурување, веруваме дека можеме да им го олесниме секојдневието на бездомниците и да им се приклучиме на сите волонтери и добри луѓе, кои секојдневно и без никаков надомест помагаат каде што е потребно. Веруваме дека треба да правиме добро заради доброто“ – истакна извршниот директор на Сава осигурување, Петер Скварча.
март 2012
Донација на спортска опрема во Демир Капија
По повод одбележувањето на корпоративниот ден на Групацијата Сава Ре, македонската членка Сава осигурување а.д. – Скопје донираше спортска опрема за кошарка, одбојка, ракомет, фудбал и пинг-понг во основното училиште „Димче Ангелов – Габерот” во Демир Капија. Под мотото: „Вистинскиот спортист е совесен екологист”, беа одиграни пријателски натпревари во фудбал и пинг-понг меѓу екипи на училиштето, Амбасадата на Словенија и вработените во компанијата.
„Сава Ре го носи името на најдолгата река во Словенија, која тече низ регионот во кој се наоѓаат поголем дел од членките на Групацијата, а водата на многу начини го симболизира животот. Од друга страна, Демир Капија е место во Македонија во кое некогаш постоела словенечка колонија, што за нас претставува дополнителен мотив за анимирање и подобрување на животот на младите во Демир Капија“ – потенцира извршниот директор на Сава осигурување а.д. – Скопје, г. Петер Скварча.